Сé си има своја еволуција, па и бракот. До душа од никогаш не сум го чувствувал притисокот од „институција брак“, па еве ни по 3 години не можам да се пожалам околу тој притисок. Носам очила, но тие од никогаш не биле розови што всушност ми овозможува да бидам пореален во своите субјективни гледишта и со голема увереност во себе да кажам дека дефинитивно во изминатите три години во брачните води натежнуваат оние убави мигови исполнети со многу искрена, исконска љубов, здраво пријателство и чесна потреба еден за друг. Терминот „брачни води“ подразбира и вешто пловење во сите тие предизвици кои ги носи самиот живот, а пред се доброто балансирање и одржување на бродот во вистинскиот правец кога се во прашање „разумните компромиси“. Не е лесно и тоа да ги менуваш своите или туѓите навики кој секој си ги неси во новиот дом, и веројатно токму тие нијанси сеуште остануваат да го обојуваат заедничкиот живот и да му го додаваат потребниот тоналитет за тоа така фино да изгледа.
Три години, е период кој секој го гледа од своја перспектива. За некои многу, за некои малку, а за мене 3 години означуваат баш 3 години и ништо повеќе или помалку.
Во овој тригодишен период радикално се променив и навикнав да живеам во заедница без да го изгубам сопствениот идентитет, без да ги изгубам своите соништа и фантазии ниту пак своите афинитетити и вештини. Ги почитувам и на мојата сопруга. Успеав и да наметнам некои свои гледишта, сфаќања, размислувања … многу и прифатив. Токму таа фина метаморфоза ме направи да бидам подобар човек, посреќен, поискрен.
Се случувало во овие три години да се каам што делам се и сешто со една личност, доаѓало понекогаш и до гушење, клаустрофобија … Имало лоши периоди, некогаш и по некоја навреда, и сета таа негативна енергија ќе си го направеше своето и ме принудувало добро да се искарам чисто да се олеснам и да продолжам понатаму. Секој со својот темперамент. Овој метод на празнење гледав да го применувам што поретко, а често го заменував со цртање на карикатура.
Во овој тригодишен период ги обожавав оние мигови исполнети со многу топлина која произлегуваше од хармонијата на љубовта што правеше обичниот пудинг да го доживувам како најдобриот пудинг доттогаш каснат, најобичното пиле да биде прекрасно и вкусно испечено, супата и тостот да ми бидат специјалитет…
Верувам длабоко во себе дека бракот без плод, со текот на времето би станал трул. Во овие три години имав среќа да бидам еден од оние плодни мажи и да зачнам два животи. Првата рожба ме израдува многу, а ја очекуваме и втората исто така со многу радост. Во ситуација и возраст кога вложуваш во себе, во своите знаења, во својата кариера овие нешта значат силно оптоварување. Но татковскиот нагон да успееш со сите тие предизвици дава само дополнителна сила и мотив да се бориш уште повеќе, да бидеш покреативен, полукав, порационален. Тоа е една сила која не можат да ја разберат оние кои немаат свое дете.
Во овој тригодишен период имав т.е. ќе имам можност да ги смислам имињата на моите чеда. Првото дете го крстивме Горјан, а второто верувам дека е женско и ќе го носи името Дениција.
Ми текнува дека една мелодија на многу пати се преплетувала во овој тригодишен период. Случајно или не, сугестивно или не, тоа е мелодијата со која ја отворивме и нашата свадба играјќи вистинско танго иако сме и двата „трупци“ во танцување. Но, јас многу повеќе го ценам заедничкото музицирање и примените терци од Гордана кои често ја оплеменуваат мојата душа.
Во суштина тие нешто повеќе од 1000 денови заеднички живот ми годеле и се надевам дека ќе имам среќа и можност да си правам исповед на својата душа барем уште неколку пати вака на три години






